Во светот на винските меурчиња со Анче Наневска

За Божиќ се одржа првата комерцијална дегустација на пенливи вина во Македонија која ја водеше Анче Наневска, долгогодишен предавач на темата пенливи вина, дипломиран сомелиер при AIS во Италија, и носител на WSET 3 диплома. По осумнаесет години поминати во Италија, Анче веќе втора година го живее винскиот живот во Лондон каде држи презентации и дегустации за вино, а најдраги и се оние за Шампањот, кој е и нејзина најголема љубов. 
 
Анче, колку време сте дел од светот на виното? 
Се започна пред осум години, кога дипломирав за Сомелиер при AIS во Италија, предводена од љубопитноста и љубовта кон виното, но не мислев тогаш дека со тоа мојот живот ќе доживее комплетна професионална промена. По курсот започнав да организирам дегустации кои беа толку успешни што решив да им се посветам целосно. Подоцна се специјализирав за Шампањ и пенливи вина и моите дегустации најмногу ги правев на оваа тема, за кој имаше и има многу голем простор и заинтересираност.
 
 
Вие сте специјалист за Шампањ и пенливи вина и Вашите предавања се најчесто на оваа тема. Зошто токму овој избор?
Љубовта кон Шампањот дојде неочекувано, како сите големи љубови. Беше тоа откако станав Сомелиер и бев повикана на една дегустација на слепо на пенливи вина. Значи не знаев што имав во чашите, но една од нив особено ме плени: беше тоа Шампањот. Сметам дека пенливите вина се магични, имаат во себе нешто посебно, било поради долгиот и комплициран начин на изработка, било поради радоста, славењето и гламурозноста со кои се најчесто поврзани: не може да помине една романтична вечера ниту роденденска забава без да се наздрави со кристално сјајните вински меурчиња на пенливото вино. Радосно, среќно и сензуално вино, можно ли е да не се вљубите во него?
 
Како го надградувавте своето знаење и кои се квалификациите кои ги поседувате?
Како што веќе споменав, дипломирав како Сомелиер при AIS, а веднаш потоа завршив со нив и специјализација за пенливи вина. Носител сум исто така и на дипломата на WSET 3, а со цел да го надградам моето познавање на аромите и мирисите, дипломирав и како Parfum Connoisseur, или познавач на парфеми со Лаура Тонато, експерт за парфеми на интернационално ниво. Учествувам активно веќе неколку години во изработката на неколку италијански вински водичи. 
 
      
 
Минатата недела за прв пат во земјава ја одржавте првата презентација на пенливи вина која беше наменета за сите оние кои сакаат да се барем накратко дел од светот на винските меручиња. Како дојде до оваа идеја и дали може да очекуваме слични вакви предавања во Македонија?
Идејата се роди од средбата со мојата драга колешка Ивана Симјановска, кој всушност и беше иницијаторот и организаторот на настанот. Многу сум и благодарна за оваа прилика во која се споија три битни први моменти: прва дегустација на пенливи вина во Македнија, моја прва средба со македонската публика и моја прва дегустација водена на мојот мајчин јазик. По години поминати во организирање и водење на дегустации на италијански, француски и англиски јазик, емоцијата и гордоста беа навистина големи. Македонската публика се покажа како исклучително срдечна и искрено заинтересирана и внимателна, па тоа ме наведува да мислам дека сигурно настани од ваков вид се потребни и добредојдени. Поради тоа во план се и други дегустации и искрено се надевам дека оваа ќе биде само првата од низа на други кои ќе следат.
 

Веќе две години живеете и работите во Лондон. Какви се Вашите впечатоци за винскиот свет во овој град? 

Лондон е, сите знаеме, светска метропола и тој статус го покажува и докажува на секој чекор: авангарда, динамика, грандиозност во секој поглед. Тоа е град кој никогаш не спие и е постојано жеден за новости. Пулсира непрестојно и нуди бесконечно. За секој љубител на виното Лондон е еден огромен Луна Парк: овде можете да најдете буквално се од светското производство. Или кажано со други зборови: ако го нема во Лондон, веројатно не постои.
 
Кои се Вашите идни планови?
2016 иако само што започна, веќе се покажа надежна: станав Бренд Амбасадор во Англија за австриската компанија Trado GmbH која се занимава со промоција и продажба на ексклузивни вино и храна, наменети за професионалниот сектор.
Календарот на дегустации веќе е полн, а би сакала да најдам време да продолжам со учењето и да се здобијам и со дипломата WSET 4, која што е крајната пред финалниот испит за титулата на Master of Wine, најпосакуваната и најтешка на светот за винските професионалци. 
Во меѓувреме работам на мојата книга за пенливи вина, на македонски и српски јазик, наменета за балканската публика. Предвидувам таа да излезе кон крајот на оваа година, како новогодишен подарок за сите вински љубители на овој простор.
Планирам, исто така, да станат чести моите гостувања во Македонија и да се претворат во редовни средби на разни теми од винскиот свет.